Во претходната статија разговаравме за некои од главните причини за недостаток на менструација – стрес, интензивна физичка активност, синдром на полицистични јајници, проблеми со тироидната жлезда и многу повеќе. Во оваа статија ќе споменеме и други, не помалку важни причини за недостаток на менструалниот циклус.
Што претставува аменореја?
Аменореја е отсуство на менструален циклус. Таа може да биде примарна и секундарна. Примарна аменореја е отсуството на прв менструален циклус кај девојчиња под 16 години. Секундарна аменореја е кога има последователно отсуство на менструален циклус за период од најмалку 3 месеци.
Менструалниот циклус е контролиран од хипоталамусот и хипофизата – структури на мозокот кои произведуваат многу хормони, вклучително и т.н. гонадотропни хормони. Гонадотропните хормони влијаат на создавањето на полови хормони од јајниците. Примарната аменореја може да биде резултат на хормонална нерамнотежа, вроден синдром (Тарнер, кревка Х-хромозом, синдром на Морис) или вродени аномалии на централниот нервен систем. Дополнително, секое отстапување од нормалната анатомска структура на гениталиите на жената, како што е вродена аномалија на матка, аномалија кај отвор на матката или аномалија кај вагина, може да доведе до примарна аменореја. Примарната аменореја е комплексна болест. Се забележуваат и други дополнителни симптоми како што се: болка во карлицата, сувост на вагината, главоболка, дисфункција на други жлезди и др. Дијагноза на примарна аменореја се поставува по преглед од група специјалисти и третманот е комплексен.
Ако жената имала менструален циклус, но 3 месеци последователно и недостасува, тогаш зборуваме за секундарна аменореја. Еве дополнителни причини за нејзиното појавување:
Предвемено откажување на јајниците
Функцијата на јајниците нормално опаѓа со возраста. Меѓутоа, кога забележуваме губење на функцијата на јајниците пред 40-та година од животот, станува збор за предвремено откажување на јајниците. Состојбата се карактеризира со недостаток на менструација, намалени нивоа на естроген и покачени гонадотропни хормони (најмногу фоликулостимулирачкиот хормон – FSH). Неплодноста е основна последица, но за разлика од менопаузата, но можно е и спонтано закрепнување на функцијата на јајниците, па и бременост. Останати здравствени проблеми, поврзани со предвременото откажување на јајниците, се раниот развој на остеопорозата, како и зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања. Болеста опфаќа 0,1% од жените под 30 години и 1% од жените под 40 години. Причини се многу – автоимуни заболувања, хемотерапија и терапија со зрачење, грешка во гонадотропните хормони и др.
Хормонален дисбаланс
Друга причина за недостаток на менструален циклус е хормоналната нерамнотежа, хормоналниот дисбаланс. Може да е резултат на болести на хипофизата, ниско ниво на естроген, високо ниво на тестостерон (иако е машки полов хормон, тој нормално се наоѓа во минимални количини кај жените) и зголемената функција на надбубрежните жлезди. Причина за недостаток на менструален циклус може да биде промена во лачењето на пролактин. Пролактинот е хормон кој повторно се произведува од хипофизата. Неговата главна функција е да го стимулира производството на мајчино млеко од градите, по раѓањето. Но покрај тоа, дополнително влијае и на репродуктивниот систем. Зголемено ниво на пролактин се забележува кај аденом на хипофизата (бенигна формација), земање одредени лекови, намалена функција на тироидната жлезда, повреди на градите, синдром на полицистични јајници и други. Скудна или отсутна менструација, истекување на мајчино млеко, намалена сексуална желба и акни се само некои од симптомите кои го придружуваат високото ниво на хормонот пролактин.
Земање лекарства
Лековите како антидепресиви, антипсихотици, како и лекови против рак, може да предизвикаат неправилности во менструалниот циклус. Некои лекови земени за висок крвен притисок или алергиски реакции, исто така, можат да го имаат овој несакан ефект. Валпроична киселина и карбамазепин кои се користат за лекување на епилепсија се вклучени во списокот на лекови кои можат да предизвикаат отсуство, одложување или неправилна менструација. Епилепсија само по себе предизвика трипати почесто нередовна менструација, отколку жените без такво заболување. Од друга страна пак, половите хормони можат да влијаат на болеста и епилептичните напади. Можно е нагло опаѓање на прогестеронот непосредно пред менструацијата да предизвика епилептичен напад. Покрај тоа, земањето на антиепилептици и контрацептивни средства, може да го намали дејството на контрацептивни средства и постои ризик од намалување на нивниот ефект. Не заборавајте да му ги кажете на вашиот лекар сите лекови коишто ги земате или сте ги земале неодамна!
Намалување на имунитетот со кортикостероиди
Третманот на многу автоимуни, инфективни, невролошки и други болести е поврзан со супресија на имунолошкиот систем, најчесто преку употреба на кортикостероиди. Продолжената употреба на кортикостероиди може да доведе до развој на Кушингов синдром. Некои од неговите манифестации се неправилна менструација и/или прескокнување на менструалниот циклус. Високо ниво на стероиди го потиснува создавањето на хормони од хипофизата, кои, како што веќе споменавме, ја стимулираат функцијата на јајниците. Дополнително, може да се забележат и покачени нивоа на машки полови хормони.
Спроведено е клиничко истражување кај жени со мултиплекс склероза, кои се подложени на терапија со циклофосфамид (лек кој исто така го потиснува имунолошкиот систем). Резултатите покажале дека скоро половина од жените имале пропуштен менструален циклус. Дополнителни истражувања пак покажале намалена резерва во јајници (намален број и квалитет на јајцеклетки).
Наркотици
Употребата на дрога (кокаин, хероин) и опиоиди (на пр. Метадон) може да доведе до нарушување/нередовни менструални периоди. Причината е повторно поврзана со нарушување на лачењето на гонадотропни хормони. Истражувањето спроведено на 76 жени кои биле зависни од хероин, покажало дека повеќе од 50% од нив немале менструација додека земале дрога. Лековите исто така можат да влијаат на времетраењето на менструацијата.
Адхезија во празнината на матката
Интраутерина адхезија, исто така позната како Ашерманов синдром, се израстоци на ткива и формирање на адхезии во шуплината од матката. Како резултат на тоа, формата и големината на органот се менуваат. Причини за ваквите адхезии можат да бидат груба киретажа при абортус или обилно крварење, породување со царски рез, ендометриоза, инфекции и хируршки интервенции. Адхезии може да се забележат во различни степени, а следствено на тоа и до различни симптоми. Кога грлото на матката е блокирано од адхезии, менструалната крв не може да излезе од матката и се чини дека жената го пропуштила менструалниот циклус. Друга сериозна компликација на интраутерините адхезии е неможноста да се забремени.
Отстранување на јајниците
Најчесто хируршкото отстранување на органите на репродуктивниот систем е потребно кај бенигни или малигни тумори. Кога ќе се отстранат двата јајници за време на операцијата, жената автоматски оди во менопауза и развива состојба наречена „синдром на пост-кастрација“. Жената престанува да има менструален циклус бидејќи нивото на женски полови хормони нагло се намалува. Се појавуваат симптоми карактеристични за менопаузата – ноќно потење, топли бранови, депресија, метаболички нарушувања, ризик од остеопороза и др. Кога се отстранува само матката за време на операцијата и се зачувуваат јајниците, веројатноста за рана менопауза и нејзините придружни симптоми е помала, но повторно нема да има менструален циклус.
Други причини за недостаток на менструација
Хронични болести како што се цироза на црниот дроб, хронична бубрежна инсуфициенција, синдром на стекнат имунолошки дефицит (СИДА), дијабетес мелитус и карлично воспалително заболување може да доведат до недостаток на менструација. Во листата на причини, исто така, се вклучуваат и разни автоимуни болести, терапија со зрачење, алкохолизам и интоксикација со тешки метали. Консултирајте се со вашиот лекар при доцнење или недостаток на менструалниот циклус, за да бидете сигурни дека нема сериозна основна причина за тоа.