Идеи и совети

Приказни што можат да се напишат за три минути

Дали знаеш колку работи можат да се случат само за три минути? Толку време ти треба да го направиш омиленото кафе или да облечеш три различни комбинации пред огледало и пак да кажеш „немам што да облечам.“ Тоа е тој краток момент кога се двоумиш дали да му одговориш на поранешното момче… и потоа жалиш цели три месеци.

Но, постои и друг вид три минути во кои сè се менува. Три минути во кои се спојуваат стравовите, надежите и соништата на една жена. Кога целиот твој универзум се превртува и животот зема неочекуван остар свиок. Тие моменти кога држиш мал тест во рака и исчекувањето те доведува до лудило.

Секундите изгледаат бескрајни, а секое отчукување на срцето звучи како тапан во ушите. Без разлика колку си организирана и подготвена, колку и да си сигурна во себе и добро испланирана за секоја ситуација, во тој момент контролата исчезнува. Како целиот свет да притиснал „пауза“.

Три минути што изгледаат како вечност

Без разлика дали си во удобното купатило на твојот стан или заклучена во тоалетот на работа. Тие три минути секогаш изгледаат подолги од било кое предавање на факултет или најдосадниот состанок на работа. Се чувствуваш како да си паднала во паралелен свет каде секундите ползат бавно, а мислите ти трчаат со милион километри на час. Различни сценарија почнуваат да се вртат во твојата глава, како трејлери за акциони филмови.

Во едно сценарио, веќе се замислуваш себеси како држиш мало бебе во раце. Во друго, планираш патување во Бали затоа што животот е тука и сега, мораш да ја искористиш слободата додека ја имаш. Во третото сценарио, едноставно се обидуваш да се сетиш да дишеш… бавно и длабоко.

Тоа се моменти кога стануваш сценарист, режисер и главна актерка во сопствената животна драма.

Поддршката што ти е потребна

Во вакви моменти, највредното нешто е да знаеш дека не си сама. Понекогаш тоа е групниот разговор со пријателките, другпат тоа е мајка ти, која уште од првиот збор чувствува дека нешто не е во ред. Може да е и твојот партнер, кој стои до тебе и тивко ги брои минутите. Дури и едноставното „Јас сум тука“ може да донесе спокој и чувство на сигурност.

Постојат и ситуации кога напнатоста станува преголема, мислите ти се вртат во круг и не знаеш кон кого да се свртиш. Тогаш е сосема природно да побараш професионална помош. Психолог кој може да те сослуша и да ти помогне да ги средиш емоциите. Да побараш поддршка не е знак на слабост, туку напротив, доказ дека знаеш како да се грижиш за себе сѝ и за својата иднина. Без разлика со кого споделуваш, важно е да знаеш дека не си сама!

Приказни што остануваат

Подоцна, овие моменти често се претвораат во забавни или трогателни приказни. Се раскажуваат на трпеза, во друштво на жени или тивко, меѓу две блиски пријателки. Некои приказни звучат како комедија, како онаа за девојката што испаничила затоа што тестот бил дефектен и одлучила дека тоа е знак од судбината. Други се носталгични, како пријателката што за три минути веќе избрала бебешка облека онлајн, а потоа се испоставило дека било лажна тревога. Но, тоа мало боди со мече сè уште стои во нејзиниот плакар како потсетник на најдолгите три минути во нејзиниот живот.

И токму тоа е магијата на ваквите моменти. Иако изгледаат мали и кратки, тие остануваат големи и значајни во нашата лична приказна.

Лекциите од чекањето

Овие моменти нè учат на понизност и подготвеност да го прифатиме животот таков каков што е. Ни покажуваат дека не сè е под наша контрола и дека дури и најдобро испланираните денови можат да се превртат наопаку со само еден потег на пенкалото, или два, и колку и да е тешко да го пуштиш воланот, понекогаш едноставно треба да го тргнеш стапалото од гасот и да ѝ дозволиш на судбината да те однесе таму каде што треба да бидеш.

Можеби токму тоа е моќта на трите минути. Во тие три минути сфаќаме колку е важно да си веруваме себе сѝ и на иднината.

Крајот на трите минути

Овие моменти никогаш не се само три минути. Тие се тест на трпение, сила и самодоверба. Без разлика каков е исходот, тоа не е крајот на патот, туку почеток на нова приказна. Понекогаш тоа ќе биде приказна што ќе те насмее низ солзи. Другпат, ќе биде приказна што ќе ти даде време да се насочиш кон своите соништа пред да бидеш подготвена за следниот чекор.

Вистината е дека животот секогаш ќе ти поднесува моменти кога ќе мораш да чекаш. Но токму во тоа чекање се крие магијата. Те учи на трпение, на вера во сопствената сила и на знаење дека, што и да се случи, ќе се справиш со тоа.

Share