КАТЕГОРИИ

Зошто не можам да забременам? Причини за стерилитет

Многу парови во денешно време имаат потешкотии во обид да имаат бебе. Ова може да се должи на неплодност, загуби на фетусот или неуспешни обиди со помош на ин витро. Во оваа статија ќе разговараме за главните причини за појава на неплодност.

Што претставува стерилитетот?

Според Светската здравствена организација, кај еден пар се претпоставува дека станува збор за неплодност кога бременоста не се постигнува со редовни обиди за зачнување во рок од 1 година, кај жени под 35 години и во рок од 6 месеци, кај жени над 35 години. Во таквите случаи се препорачува парот да се консултира со специјалист. Тој дефинира соодветни тестови за да се утврди причината, доколку ја има, и таа успешно да се реши. Стерилноста не е проблем само на жената. Кога кај парот не е можно забременување на жената, причините се бараат кај двајцата партнери. Важи правилото 30/30/30 – кај 30% причината е женски фактор, кај 30% – машки фактор и 30% има проблем со двајцата партнери. 10% од паровите остануваат со нејасен стерилитет.

Причини за неплодност кај жени:

  • Проблем со овулација

Околу 25% од жените со неуспешни обиди, имаат проблеми со овулација. Секој месец, една зрела јајцеклетка се ослободува од јајниците и преминува во фалопиевите туби. Овој процес се нарекува овулација. Животниот век на јајцеклетката е помеѓу 12 и 24 часа и тоа е единствената „временска рамка“ во која може да се случи оплодување. Ако тоа не се случи, настапува следната менструација, која се јавува по околу 14 дена. Постојат многу причини што можат да доведат до проблем со овулација. Овде се вклучуваат: генетски причини, стрес, нередовно јадење. Главната причина е нерамнотежата на женските полови хормони. Ниските нивоа на естроген и прогестерон (женски полови хормони) доведуваат до нередовна менструација или до нејзина оскудност. Особено е важно да се започне со третман за лекување, пропишан од специјалист, по спроведување на потребните тестови.

  • Опструкција, запушување на јајцеводите

При опструкција на јајцеводите, средбата на сперматозоидот и јајцеклетката не може да се оствари. Нарушената проодност може да се должи на инфекции во минатото, операција, ендометриоза или претходна ектопична бременост.

  • Ендометриоза

Ендометриоза е состојба при која мали делови од ендометриумот (слузницата на матката) ја напуштаат шуплината на матката и се прикачуваат на други органи, најчесто во пределот на карлицата. Најчесто влијае на јајцеводите, јајниците, лигаментите на матката, а поретко на цревата, мочниот меур и белите дробови. Бидејќи на ова ткиво влијаат и хормоналните промени за време на менструалниот циклус, симптомите се јавуваат претежно за време на менструацијата. Главните последици од ендометриозата се карлична болка и неплодност. Како што напредува болеста, може да се формираат цисти во јајниците. Дополнително, болеста може да доведе до адхезии во фалопиевите туби.

  • Воспаленијата и стерилитетот

Воспаление на вагината (колпит) може да доведе до промена на составот на вагиналните секрети. Ова може да има сериозно влијание врз подвижноста и движењето на спермата.

Акутното и хронично воспаление на слузницата на матката (ендометритисот) може да ја намали чувствителноста на обвивката на полови хормони. Тоа ја прави несоодветна за имплантација (спроведување) на оплодената јајце клетка. Воспалението може да доведе и до адхезии во матката или целосно блокирање на грлото на матката, што го спречува протокот на менструална крв, а жените се доведени во заблуда дека има недостаток на менструација. 

Воспалението на јајцеводите може да предизвика нивно блокирање. Цевките се обвиткани со посебен цилијарен епител (епител со реси), кој учествува во движењето на јајцеклетката од јајниците до матката. Честото воспаление доведува до уништување на цилиите (ресичките) и го нарушува правилното движење на јајцеклетката. Ова исто така го зголемува ризикот од имплантација на оплодената јајцеклетка во јајцеводот и развој на ектопична бременост.

Постојат многу причини за воспаление во овој случај, но главната причина за неплодност е кламидија (латински Chlamydia Trachomatis). Тоа е бактерија која се пренесува сексуално. За жал, само 70% од заразените жени имаат некакви симптоми како што се болка и печење при мокрење, вагинален исцедок или некаква непријатност. Затоа, многу малку луѓе бараат лекарска помош, што го комплицира третманот за лечење, а воедно и го олеснува ширењето на инфекцијата. Доколку не се лекува, инфекцијата може да стигне до матката и јајцеводите и да предизвика опструкција.

  • Автоимуни заболувања

Автоимуните болести предизвикуваат нашиот имунолошки систем да ги нападне сопствените ткива. Се формираат антитела кои ги напаѓаат репродуктивните органи или герминативните клетки (сперматозоидите и јајцеклетките). Антителата на сперматозоидите имаат најголемо влијание врз неплодноста. Тие можат да се формираат и во женското и во машкото тело. Кај жените, антителата на сперматозоидите спречуваат сперматозоидите да стигнат до јајце-клетката. Најчеста причина за нивното формирање се инфекции. Кај мажите пак, антителата на сперматозоидите се формираат во машкото тело и ги напаѓаат сопствените сперматозоиди. Ова предизвикува меѓусебно залепување на сперматозоидите и спермата да стане погуста. Најчесто се формираат за време на физичка траума, воспаление или после одредени операции.

  • Аномалии на половите органи

Вродени или стекнати аномалии на надворешните гениталии честопати го комплицираат или го оневозможуваат сексуалниот однос, а со тоа се намалува и можноста за оплодување. Вагиналните адхезии се можни на различни нивоа. Стеснување, воспаленија и трауматски повреди на грлото на матката се дел од причините што го попречуваат патот на спермата и можат да доведат до стерилитет. Но, постојат и причини поради самата матката – на пример, вродена неразвиеност на органот. Неплодноста може да биде резултат на премногу груба киретажа – постапка за отстранување на слузницата на матката за време на абортус, на пример.

  • Проблеми со тироидната жлезда

Тироидната жлезда е еден од најважните органи во човечкото тело. Кај жени со намалена функција на оваа жлезда, може да се забележи неправилен циклус, а понекогаш и негово целосно отсуство. Колку е понередовен менструалниот циклус, толку е понеправилна овулацијата. Ова може да доведе до неплодност. Кај мажите, болеста на тироидната жлезда е ретка. Сепак, ниските тироидни хормони влијаат на формирањето и созревањето на спермата.На пример намалена подвижност на спермата, губење на либидото, како и проблеми со ерекцијата.

  • Високо ниво на пролактин

Пролактинот е хормон кој се произведува од хипофизата (дел од мозокот). Главната функција на пролактин е да го засили развојот на женските гради и да започне доење. Нивото на пролактин е нормално покачено кај бремени жени и доилки. Кај останатите жени, високото ниво на пролактин доведува до неправилна или одложена менструација, абнормално доење, неплодност и сексуални проблеми.

Причини за неплодност кај мажите:

Причините за неплодност може да бидат поврзани со промени во нивото на половите хормони. Други причини пак можат да бидат предизвикани од силен стрес, изложеност на топлина, работа во топли простории, конзумирање на алкохол, пушење и употреба на дрога. Во листата се вклучени и генетски фактори, анатомски проблеми, инфекции на гениталиите, присуство на антитела против сперма, проблеми со тироидната жлезда и др.

Непознат стерилитет

Кога и покрај основните истражувања, сеуште не е позната причината за неуспехот, парот преминува во категорија непознат стерилитет. Необјаснетата неплодност не е дијагноза, напротив – недостаток на истата. Секогаш постои причина за неплодност, но во овие случаи едноставно не може да се најде. Во пракса, пристапот има различни начини. Специјалистите препорачуваат да се  побара и второ мислење, да се ревидираат направените испитувања (можно е да се пропушти нешто од големо значење) и промена на начинот на живеење, животниот стил.

Важно е, кога се обидувате да забремените, да ги земате правилните, вистинските витамини и додатоци. Ова може да ја подобри вашата плодност и да го намали ризикот од проблематична бременост. Повеќе на оваа тема можете да прочитате на нашиот блог.

Share